СДСМ ја информира јавноста дека не се целосно точни пласираните информации дека симболот на поранешното знаме (Сонцето од Кутлеш) со одлука на советот на општина Лозово е веќе официјално знаме на општината.
-Не станува збор за донесена одлука на Советот туку за Заклучок со којшто се задолжува општинската администрација да провери дали овој симбол на поранешното знаме може да биде официјално знаме на општина Лозово. Иако не станува збор за конечна одлука, СДСМ се оградува од ова несоодветно однесување на советниците коешто може да се толкува дека е во спротивност пред сѐ со државните интереси, со добрососедските односи со Грција, но и со политиките и статутарните одредби на СДСМ, велат од владеачката партија.
Според нив, вакви непромислени постапки може да отворат прашања за непочитување на меѓународните договори, што негативно влијание на стратешките интереси на државата, а во конкретниот случај, Преспанскиот договор, кој директно го овозможува нашето членство во НАТО и го помага процесот на преговори со ЕУ.