СДСМ: Дилот ВМРО–ДУИ се реализира пред очите на јавноста и му донесе куќен притвор на Груби

„Прашањето што останува е само што ќе добие сега ДУИ за возврат“, порачуваат од таборот на Венко Филипче

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Фејсбук/СДСМ

СДСМ преку соопштение повторно порача дека одлуката за куќен притвор за екс-вицепремиерот Артан Груби е уште една силна потврда за, како што велат, дилог ВМРО-ДУИ. Според партијата, правната држава е погребана со оглед дека е даден куќен притвор за лице кое веќе еднаш избегало од државата и за кое веќе имало одредено мерка притвор.

„Затоа го сменија јавниот обвнител, избраа судии и обвинители под нивна контрола.

Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет, советник на Мицкоски во Уставниот суд, в.д обвинителка избраа на поранешен заменик министер на ВМРО. Власта има целосна контрола врз обвинителството и судството. Одлуката за куќен притвор ја носи обвинител под Скопското обвинителство каде што за шеф пред само еден месец е избран Анел Фидоски.

Јасно е што се случува. Дилот ВМРО–ДУИ се реализира пред очите на јавноста и му донесе куќен притвор на Груби. Прашањето што останува е само што ќе добие сега ДУИ за возврат“, истакнуваат од опозициската партија.

Синоќа Груби си замина дома. По речиси шест часа распит Обвинителството побара, Кривичниот суд одлучи да добие куќен наместо затворски притвор. По 14 месеци бегство утрово се предаде на полицијата на граничниот премин Блаце.

Апсењето на осомничениот за злоупотреби на службената положба во случајот Државна лотарија ја разбранува политичката сцена.