СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: Повикот за бојкот на пописот е повик за кршење на законите

од Nikola Popovski
142 прегледи

„Законот за попис на населението овозможува оваа пролет, по речиси 19 години, во државата да се спроведе попис согласно меѓународните стандарди и прописите на Евростат“, велат од СДСМ.

Според нив, ВМРО-ДПМНЕ како и секогаш кога се носат битни законски решенија за државата и граѓаните се однесува деструктивното, неодговорно и антидржавно.

„Бојкотот и повикувањето за бојкот на пописот од страна на ВМРО-ДПМНЕ предводена од губитникот Мицкоски значи и повикување на кршење на законите.

Тоа е апсолутно апсурдно и секако прв случај што можеме да го видиме во Европа и светот.

Да биде појасно, пописот е статистичка операција, а не избори, на пописот не се гласа, нема губитници и затоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нема потреба да се плашат од одржувањето на пописот.

Победници од пописот ќе бидат граѓаните, компаниите, институциите, кои конечно ќе имаат на располагање точни и веродостојни податоци, неопходни за планирање, креирање на политики и стратегии.

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски остануваат на спротивната страна од интересите на граѓаните и државата, но нема да спречат одржување на попис согласно меѓународните стандарди и пракси“, стои во партиското соопштение.