СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: Зошто не објавувате фотографии од Дубаи? Затоа што ги нема

„Јавноста се бомбардира со измислици за Дубаи, визи, згради и летови што не постојат“, порачуваат од партијата на Филипче

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: X

„Јавноста се бомбардира со измислици за Дубаи, визи, згради и летови што не постојат. Го следат претседателот Филипче, ги злоупотребуваат службите, но не објвавуваат слики од Дубаи? Зошто нема ниту една слика од Дубаи? Затоа што ги нема. Зошто нема фотографија од авион, од било што“, реагираат од СДСМ на партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ насочено кон лидерот на партијата, Венко Филипче.

Според СДСМ, на граѓаните им се јасни, како што велат, овие провидни манипулации.

„Забележуваат уште една важна работа: ВМРО и колаборатите од ЗНАМ не демантираат ниту еден факт што го објави СДСМ за криминалните тендери.

Има само copy-paste текстови, сензационалистички наслови и обиди преку медиумска бучава да се прикрие суштината дека ВМРО и ЗНАМ делат криминални тендери зад грбот на народот.

Затоа им е потребен дефокс. Затоа се фабрикува приказна за Дубаи. Сакаат темата за криминалните тендери и мигранти за пари да се задуши“, порачуваат од „Бихаќка“.

Претходно од ВМРО-ДПМНЕ ги прашаа СДСМ „дали ќе славата Нова година по дубајско време“, алудирајќи на темата „Дубаи“ и наводната поврзаност на екс-премиерот Зоран Заев.

„Дали и овој пат на забавата главна ѕвезда ќе биде Харис Џиновиќ или некоја друга балканска турбофолк „ѕвезда“, тоа ќе се види на снимките како што и претходно видовме како Филипче радосно го снима неговиот лидер Заев додека се забавува. Веројатно дека покрај Новата година, во Дубаи на забавата ќе се прославува и нивната инвестиција, 42-катница, нешто што повеќе пати е потврдено како од намесникот Филипче и СДСМ, така и од сведоштвото на поранешниот соработник на Зоран Заев, Тома Аврамски“, соопштија, меѓу другото, од ВМРО-ДПМНЕ.