СДСМ: Доаѓаат „економските работници“ – Владата ја отвори вратата

„Владата го почна тоа што го подготвуваше, доаѓаат 10 илјади странски работници во Македонија“, порачаа од „Бихаќка“

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

СДСМ соопштува дека Владата на премиерот Христијан Мицкоски донела одлука со која се отвора вратата за нови 10.000 странски работници во земјава во 2026 година. Според партијата, oдлуката од денеска стапува на сила и се однесува на значително зголемен број во споредба со лани од дури 4.500 лица. Од „Бихаќка“ истакнуваат дека доаѓаат таканаречените „економски работници“.

Од СДСМ потсетуваат дека ваквата одлука доаѓа во моменти кога во Македонија се уште има речиси 100.000 невработени и стапката на невработеност е двоцифрена.

„Се беше подготвено, сега само се реализира планот. Склучија „стратешки договор“ за кој известија британските медиуми, за мигранти, потоа го сменија Законот за странци со кои ги олеснија условите за доаѓање, престој и работа.

Ги скратија процедурите, го продолжија времетраењето на дозволите. Се создаде правна рамка за долгорочно задржување во државата, ако има „стратешки парнер“ секако“, стои во партиското соопштение од СДСМ.

Од вкупната бројка, 9.750 дозволи се наменети за редовно вработување, 200 за упатени странци, а 50 за сезонски ангажмани. Во рамки на редовното вработување, 4.500 се предвидени за нови работници, додека 5.250 се за продолжување на дозволите на странци кои веќе работат во земјава.

Од Министерството за економија и труд најавуваат дека ќе ја следат искористеноста на квотата и состојбите на пазарот на труд. Како индикатор за растечкиот тренд, минатата година Агенцијата за вработување издала 8.509 позитивни мислења за дозволи за работа, додека Министерството за внатрешни работи издало 6.128 дозволи за престој на странски работници. Бизнис-заедницата подолг период бара зголемување на квотите, аргументирајќи дека недостигот од работна сила станува структурен проблем за дел од секторите.