СДСМ: ДПМНЕ го врати ВМРО-МВРО, се напаѓаат новинари и се монтираат анкети

од Nikola Popovski

ДПМНЕ го врати ВМРО-МВРО и брутално го уапси новинарот Фуркан Салиу, во обид за замолчување и заплашување, откако објави афера директно поврзана со ДПМНЕ. Деновиве беше нападната и новинарска екипа на ТВ24 на партиски митинг на ДПМНЕ. Исто како во времето на режимот, ДПМНЕ напаѓаат и навредуваат новинари, монтираат анкети, јавниот сервис го користат како месен комитет на партијата, ја загрозуваат демократија, слободата на говорот, порачаа утрово од СДСМ преку соопштение по синоќешното апсење на Салиу и приведување во полициската станица Гази Баба.

Според партијата на власт, „нападите на новинарите и злоупотребите на медиумите го покажуваат вистинското лице на Мицкоски и неговата партија“.

Салиу доцна синоќа беше слободен, откако поплaднето беше уапсен за време на фудбалски натпревар во селото Средно Коњаре.

-Имаше малку полицајци, многу публика, тоа не е мој проблем. Цел настан почна кога го тепаа млад дечко кој седеше до мене, а не направи ништо, рече Салиу, посочувајќи дека тој ја смирувал публиката.

Претходно МВР соопшти дека Салиу е еден од приведените поради напад врз полициски службеници. Потоа, министерот Панче Тошковски повика да не се прави притисок врз полицијата, зашто таа еднакво постапувала при секој напад. За приведувањето реагираа новинарските здруженија.

Пред неколку дена Салиу објави видео во кое приложи документ, како што наведува, од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ. „Предизборната пропагандистичката машинерија на Груевски во рацете на Мицкоски. ПорталиХ дојде до изборниот оперативниот план на ВмроДпмне“, пишува во најавата на видеото објавено на Фејсбук на ПорталХ. Првиот дел како што се наведува е насловен: Македонската радиотелевизија во служба на партијата. Според Салиу, за помалку од два месеци од Оперативниот план, оваа „точка“ на Републичкиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ се реализирала токму на Јавниот сервис МРТВ преку емисијата „Објектив“.

Слични содржини