Не се точни тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека државата ќе плаќа пенали ако во Собранието не биде донесен пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите, велат од СДСМ и порачуваат дека најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ е против секој стратешки проект во државата и, како што тврдат, затоа намерно шири невистини за најголемиот проект вреден 1.3 милијарди евра, изградба на коридорите 8 и 10д.
Од СДСМ информираат дека како кај секој друг договор каде Инвеститорот и Изведувачот имаат свои права и обврски и согласно случениот договор, Изведувачот може да работи во услови каде важат постоечките законски одредби.
-Криминалната ВМРО-ДПМНЕ е последна што може било кого да прозива за оваа тема, затоа што заради провизиите на нивните функционери и промашени проекти со години беше заглавен автопатот Кичево-Охрид, проект кој сега интензивно се гради откако беа отстранети сите недостатоци. Тоа државата ја чинеше прескапо, велат од партијата на власт.
Додаваат дека не е точно ниту тврдењето дека со промената на законските решенија се нарушуват работничките права.
-Прво станува збор за предложени измени во Законот за работни односи кои се однесуваат само на проекти од стратешки и национален интерес. Второ станува збор за решение со кое градежните работници кои работат на ваков тип на проекти ќе добиваат надоместок од 50% повеќе за секој час работа во недела и ќе добиваат надоместок за прекувремена работа согласно Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватен сектор, за останатите прекувремени часови.
Трето и најважно, сето тоа ќе се случува само со претходна обезбедена писмена согласност од самиот работник, истакнуваат од СДСМ.
Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Владата се согласила на огромни пенали кон американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ ако не се обезбеди поголема работна недела.