СДСМ му одговори на нејзиниот член и поранешен портпарол Петре Шилегов по обвинувањата дека партијата е заробена уште од 2019 година. Ова е најдемократска партија, единствена која го бира својот претседател на демократски и непосредни избори, рече портпаролката Богданка Кузеска.
-СДСМ е дефинитивно најдемократска партија во државата која што единствено го бира претседателот на партијата на демократски и непосредни избори. Оттаму легитимитетот на претседателот на СДСМ не може да се оспорува. Немаме намера да навлегуваме во лични напади, и остануваме посветени на демократските принципи кои ги почитуваат различните ставови, но во рамките на цивилизиран дијалог, рече Кузеска на прес-конференција.
Ваквиот развој на настаните следува откако ноќеска по полноќ, Шилегов преку социјалните мрежи обвини дека СДСМ е заробена партија уште од 2019-та година. Тој вели дека сегашната структура на партијата служи на интересите на тесни групи наместо на членството.
„СДСМ е заробена партија. Уште од 2019-та година. Со двајца октроирани „лидери“ од јужните краишта. Тоа не е СДСМ. Тие се тезгароши. Од Милановац. Горњи или Долни. Март е пролет!!! Пролет е СДСМ!!!“-напиша Шилегов.
Претседателот на партијата, Венко Филипче најави избор на ново раководство во ноември. Шилегов е се уште дел од актуелниот извршен одбор на партијата од „Бихаќка“.