СДСМ: Една минимална и една просечна платата ја надминуваат вредноста на потрошувачката кошничка

од Nikola Popovski

Со намалување на цените на стотици производи и со постојаното покачување на платите и пензиите, СДСМ презема конкретни мерки за заштита и унапредување на стандардот на граѓаните, порачуваат од партијата на власт.

Од СДСМ нагласуваат дека граѓаните по пониски цени во маркетите купуваат леб, млеко, млечни производи, месо, брашно, јајца, ориз и многу други прехранбени артикли, што поволно влијае врз семејните буџети.

Минималната плата е покачена од 8.900 денари во 2016 година на 20.175 денари, просечната плата сега е над 36.000 денари, а пензионерите од наредниот месец ги очекува зголемување на пензиите за нови 6 отсто, потенцираат од „Бихаќка“, додавајќи дека од 2017 година наваму една минимална плата и една просечна плата ја надминуваат вредноста на потрошувачката кошничка.

-На пример во 2022 година, 36.000 денари просечна плата + 20.175 денари минимална плата се поголем приход од 50.000 денари. Тоа никогаш се нема случено пред 2016 година, за време на владеењето на ДПМНЕ, стои во партиското соопштение.

Владата на вчерашната седница донесе одлука со која ги намали цените на безалкохолните пијалоци и пивото, а највисоките профитни маржи во трговијата ги утврди кај свежото овошје и зеленчук, во трговијата на големо за 10 отсто, а во трговијата на мало 15 отсто.

Владата претходно објави листа на околу 500 производи во 25 категории, за коишто маркетите беа обврзани да ја намалат цената за најмалку 10 проценти. За оние коишто не ја почитуваат мерката се предвидени казни, но и затворање на маркетите.

Слични содржини