Успеавме да донесеме системско решение за раст на минималната плата. Од овој месец минималната плата во сите сектори ќе изнесува 20.175 денари, велат утрово од СДСМ преку соопштение.
Додаваат дека со тоа ќе се исполни ветувањето дадено пред почетокот на последните парламентарни избори.
-Со тоа, речиси една и пол година пред предвидениот рок, ќе го оствариме ветувањето за минимална плата од 20.000 денари, дадено пред граѓаните на парламентарните избори во 2020 година. Владата, парламентарното мнозинство предводено од СДСМ донесоа системско решение за раст на минимачната плата, кое никогаш повеќе нема да зависи од политичката волја на која било влада во иднина, потенцираат од владеачката партија и истакнуваат дека просечната плата сега изнесува над 34.000 денари.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека ова е зголемување од над 12 отсто и дека со тоа ќе се усогласат платите на 27.000 работници во администрацијата, како и во другите сектори чии закони се усогласени со Законот за минимална плата.
-Ова е единствениот правилен пат и начин да се обезбеди социјална правда, дури и во време на глобална економска, на која и претходи здравствената криза. Нашата определба беше да донесеме систематска одлука која нема да зависи од политичката волја на која било партија, ниту од волјата на поединци, ниту од политичкиот маркетинг кој станува доминантен пред или за време на изборите, рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
-Денешната одлука значи дека ниту еден работодавач во државата нема право да исплати плата во бруто износ под 29.739 денари или во нето износ под 20.175 денари, изјави вчера министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Зголемувањето на минималната плата е резултат на новата методологија утврдена во дијалог со синдикатите и работодавачите.