ВМРО-ДПМНЕ се огласи со реакција на денешното соопштение на СДСМ околу петте убиства што се случија во последните шест месеци. Според владеачката партија, „партијата на неврохирургот на Заеви познати по шурување со криминалните банди низ Македонија во чие време Македонија стана Мека за дилерите и убијците се најде да прозива на тема која најмалце ѝ одговара“.
Партијата на Христијан Мицкоски упати низа обвинувања кон екс-министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
-Откако со неспособниот Спасовски кој народот го остави без лични документи и пасоши грижејќи се пасоши да добијат земунскиот, кавачкиот и шкаљарскиот дилерски клан и други бандити од Балканот, го направија Скопје див запад, познат по мафијашки престрелки и незавршени случаи, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека одговорност ќе има за сите, вклучително и за тие, како што велат, кои ја донесоа земјава до ова дереџе.
СДСМ претходно обвини дека Македонија станува сцена од каубојски филм каде убиствата и уличните пресметки се секојдневие. Од партијата на Венко Филипче вперуваат прст во министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Според СДСМ, откако ВМРО-ДПМНЕ раководи со МВР имаше пет убиства и три обиди за убиства.
Министерството за внатрешни работи утринава ја потврди смртта на познатиот бизнисмен Чедомир Радомировиќ кој вчера, со повреди на главата, беше пронајден покрај автомобил во скопски Орман. Од Министерството засега не соопштуваат дали станува збор за убиство или самоубиство. Посочуваат оти полицијата презема мерки за расчистување на случајот.