СДСМ го поддржува процесот за почнување преговори со ЕУ согласно францускиот предлог

од Nikola Popovski
225 прегледи

Централниот одбор на СДСМ на синоќешната седница едногласно донесе одлука со која го поддржа процесот за отпочнување преговори со ЕУ.

Со оваа одлука, Централниот одбор на СДСМ го поддржува процесот за отпочнување на преговорите за полноправно членство во ЕУ согласно Предлог – преговарачката рамка за пристапни преговори со Унијата од последниот европски предлог од 30 Јуни 2022 година, предложен од претседателството на Франција.

-СДСМ како државотворна партија останува цврсто кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ во ниту едни околности. Овие определби и принципи СДСМ очекува да бидат поддржани од сите политички субјекти во Собранието преку носење на натамошни заклучоци за европскиот предлог, согласно собраниските процедури. Во преговарачкиот процес, Владата, заедно со сите институции, и понатаму треба доследно да се придржуваат до Резолуцијата за македонските црвени линии усвоена од македонското Собрание, велат од владеачката партија.

Од таму додаваат дека европскиот предлог гарантира чист македонски јазик во ЕУ и историски и билатерални прашања надвор од преговарачката рамка.

-Сите политички партии треба да пристапат одговорно, државнички и рационално и заедно да ја донесеме долгоочекуваната државна одлука за продолжување на евроинтегративниот пат на земјата, констатираат од СДСМ.