СДСМ го предложи Маричиќ за претседател на ДИК

Партиите излегоа со своите предлози за новиот состав на ДИК

од Nikola Popovski
31 прегледи Фото: Фејсбук/Бојан Маричиќ

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница едногласно ја утврди предлог-одлуката за избор на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија.

-Во согласност со член 27 став 4 од Изборниот законик, од кандидатите на предлог-листата политичките партии предлагаат претседател и двајца членови на Државната изборна избори, а партиите на власт предлагаат потпретседател и тројца членови на ДИК – рече претседателот на Комисијата за за прашања на изборите и именувањата, Ѓорѓија Сајкоски.

ВМРО-ДПМНЕ ги предложи тројцата членови – Александар Даштевски, дипломиран правник од Скопје, Ангелчо Ристов, дипломиран правник и магистер по административно право и јавна администрација од Делчево, и Светлана Карапетрова, дипломиран економист и магистер по економија, финасии, сметководство и ревизија од Тетово.

СДСМ за претседател на ДИК го предложи екс-министерот и поранешен вицепремиер, Бојан Маричиќ, а за член Борис Кондарко кој и претходно беше дел од составот на ДИК.

ДУИ за член на ДИК ја предложи Дитмире Шеху, дипломиран правник од Гостивар. Движењето Беса, која е дел од коалицијата ВЛЕН за потпретседател на ДИК го предложи Абдуш Демири, дипломиран економист и магистер по економски науки финансии од село Непроштено – Теарце.

Државната изборна комисија е составена од седум члена (претседател, потпретседател и пет други члена). Членови на ДИК можат да бидат државјани на Република Македонија со постојано место на живеење во земјата, да се дипломирани правници со најмалку осум години работно искуство како правници и да не бидат членови на орган на политичка партија.