Од владејачката СДСМ информираат дека состанок ќе се одржи денска со почеток во 19 часот. Ќе се гласа за оставката од претседателската функција на Зоран Заев, која беше одложена поради фаталната несреќа во Бугарија, каде загинаа 45 македонски патници.
Заклучоците и за одлуката на премиерот Заев, ќе информираме дополнително, веднаш по завршувањето на седницата.
Јавно никој не ги обелоденува своите амбиции
Најблиските соработници на Заев изминативе денови изјавија дека е најдобро тој да остане на лидерската позиција. Тие му испратија порака дека избрзал со одлуката и тврдат дека не се гледаат во улогата на негови наследници.
Актуелниот генерален секретар Љупчо Николовски нема амбиции да седне на местото на Заев.
„Доколку сега се одлучи да се отворат истите постапки ќе имаме целосно отворена, транспарентна, демократска постапка во која што во ниту една политичка партија ја нема и каде што секој кој ги исполнува условите ќе може да се кандидира. Јас не се гледам и нема да бидам еден од кандидатите“, рече денеска Николовски.
Воедно за претседателската позиција нема да се кандидира ниту министерот Оливер Спасовски, кој смета дека Заев треба да си остане и на партиската и на премиерската функција.
„Знаете дека претседателот Заев носеше многу храбри одлуки, многу атипични одлуки, кои во еден момент не можеа да бидат разбрани за подоцна да сфатиме дека тоа било добро. И сега гледам дека има многу забалешки дали е сега моментот, таква одговорност да се поставува пред граѓаните и општеството во делот на активностите“, додаде Спасовски.
Заев беше беше избран за лидер на владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) од 2013 година, откако беше заменик-претседател на партијата помеѓу 2006 и 2008 година. Тој е член на СДСМ од 1996 година.
Според партискиот статут, одлуката за распишување на внатре-партиски избори ја носи Извршниот одбор најдоцна 15 дена по престанокот на функцијата. Изборите се непосредни, со тајно гласање на сите пријавени членови. Новиот претседател, како што најави и Заев, треба да биде и мандатар на новата влада.