СДСМ: Граѓаните ја плаќаат цената за кавгите меѓу Мицкоски и Арсовска за чии раце се во медот

од Nikola Popovski
183 прегледи

Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска за една година на Скопје му приредија катастрофа, го претворија во град со нефункционални претпријатија, кои не можат да ги обезбедат ниту основните функции за граѓаните. Наместо да го работат тоа за што се избрани од граѓаните ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска се прозиваат за учество во ваклани игри, се навредуваат и клевета, соопштија утрово од СДСМ.

Според партијата, „цената за нивните кавги за тоа чии раце се во медот ја плаќаат граѓаните“.

-ВМРО-ДПМНЕ во Скопје има градоначалничка, претседател и мнозинство во Советот, најголем дел од директорите на јавните градски претпријатија и на членовите на управните одбори. Сите тие на чело со Мицкоски се одговорни за хаосот и катастрофата што му се случува на Скопје. Локалната власт на ВМРО ДПМНЕ е големо разочарување за граѓаните, истакнуваат од владеачката партија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски демантираше дека ѝ се заканувал на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

-Жалам што направив погрешна проценка за карактерот на човекот кој го поддржав денеска да биде градоначалник на Скопје. Верував бидејќи препораките и биографијата беа солидни и до ден денеска верувам дека тогаш направивме вистински чекор, бидејќи направивме победник, но жалам што поддржав човек кој сега се фокусира на ниски страсти, лаги, конструкции поучен од не многу ликови кои се дел од нејзиното опкружување наместо да испорачува за Скопје, таа се фокусира да растура пердуви за мене и лаги и конструкции, рече Мицкоски во интервју за МТВ.

Пред неколку дена Арсовска откри дека добивала закани токму од Мицкоски.

-Сум имала закани од Христијан Мицкоски и тоа конкретно, лично и директно со зборовите доколку не го направиш ова, ќе ти се случи тоа и тоа. Во првиот момент кога ќе станам премиер ќе те влечеме по улици, ќе го бришеме подот со тебе. Ниту еден човек не треба да биде ставен под таков притисок. На оној што ги искажува овие закани не треба да му се дозволи ниту еден момент да биде во функција, во која што ќе може да ги исполни овие закани, рече градоначалничката во гостување на дебатна емисија.

 

Слични содржини