СДСМ бара градоначалникот на општина Карбинци Виктор Паунов да се извини, за како што велат, што ширеше паника со неточни информации, за наводен обид за киднапирање двајца ученици пред основно училиште во општината.
Според владеачката партија, неодговорно е да се шират шпекулации и да се прават обиди за политизација.
Според нив, пласирањето на ваквите шпекулации, од кои дел и во дневно-политички цели, е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните.
-Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на шпекулации, велат од СДСМ.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вчера порача дека најстрого ќе бидат санкционирани сите оние кои шират страв и несигурност кај граѓаните со лажни вести. Ова следува откако се прошири информација дека две лица се обиделе да внесат во автомобил девојче од пред училиште во Карбинци.
Спасовски апелираше дека не смее да се употребува трагедијата за политички цели и порача дека да се добиваат политички поени на мртви души и го спомена токму Паунов.
Градоначалникот вчера во изјава за медиумите порача дека имало обид за грабнување на деца, овојпат од училишен двор.
-Имало обид за грабнување на двајца ученици. Она што го имам од распитот со инспекторите и разговорите со присутните, киднапирите обиделе да ги внесат во автомобилите. Возилото доаѓа во влезот на училиштето. Безбедносните камери го имаат фатено возилото. Се работи на утврдување на регистарските таблички и расчистување, кажа Паунов, додавајќи дека децата се спасиле сами, но и со помош на вработени во училиштето.
Од МВР го демантираа ваквиот настан, наведувајќи дека момче поканило девојче на кафе, по што таа се испаничила и пријавила кај директорката на училиштето.