Хаос во градот Скопје. Неспособноста на локалната власт во Град Скопје предводена од ВМРО-ДПМНЕ предизвика нефукнционалност, вака СДСМ ги коментира случувањата во градот особено во делот на јавниот превоз.
Според владеачката партија, градоначалничката Данела Арсовска со раскинување на договори и префрлување на вината само ја влошува состојбата со јавниот превоз.
-Поради неспособноста и неодговорноста на ВМРО-ДПМНЕ, неодамна Скопје за првпат во историјата остана без јавен автобуски превоз.
Додека јавниот сообраќај е во хаос никаде ги нема новите автобуси што ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска ги ветуваа, ниту ја има фабриката за електрични автобуси што шпицниот градоначалник Мицкоски ја најавуваше.
ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска лани победија на локалните избори токму со ветувањата за јавен превоз. Ветуваа брз, ефикасен и бесплатен автобуски превоз за сите граѓани, потенцираа од СДСМ.
Од утрово делумно е блокиран булеварот „Илинденски одреди“ со 200 автобуси во сопственост на приватните превозници. Тие ги бараат своите средства и исплаќање на долгот од ЈСП Скопје, кој во моментов достигнал над 2 милиони евра.
Доколку не остварат средба со градоначалничката и не се дојде до некакво решение, приватниците од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ за од понеделник најавија целосна блокада на сообраќајот во Скопје и протест на крстосниците кај ТЦ „Мавровка“ и зградата на Црвениот крст, како и целосна блокада на булеварот пред Градското собрание.