СДСМ: Хаосот во ЈСП е пример за тоа што се случува кога ДПМНЕ ќе добие власт

од Nikola Popovski

СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека го уништила јавното претпријатие ЈСП Скопје. Од партијата велат дека само заради лични хирови на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски го блокираше проектот за новиот еколошки јавен транспорт БРТ.

-Да не го кочеше проектот за БРТ, немаше денес граѓаните на Скопје да се соочуваат со проблеми како да стигнат на работа, како учениците на почетокот на второто полугодие да стасаат на настава.

Наместо да имаат модерен превоз со БРТ, проект поддржан од ЕБОР, за кој има обезбедено средства од 70 милиони евра, скопјани страдаат од неспособноста и инаетот на ДПМНЕ.

Хаосот што се случува во ЈСП и во Скопје е пример за тоа што се случува кога ДПМНЕ ќе добие власт, порачаа од СДСМ.

Од новата партија на Данела Арсовска, Нова Алтернатива, истакнаа дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски ја блокираат и опструираат нормалната работа на јавните претпријатија во Градот Скопје.

-По втор пат Мицкоски се обидува да предизвика хаос со градскиот превоз во главниот град, на штета на скопјани, се вели во соопштението на Нова Алтернатива.

На вонредната седница на Град Скопје се очекува исплата на субвенции на ЈСП за декември во износ од 11 милиони евра.

Од Владата се изземаат од одговорност и посочуваат дека Градот несоодветно ги менаџира средствата.

Слични содржини