Престедателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, денес, 27 март, во просториите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, со лидерите на коалициските партнери потпиша коалициски договор со што формално се формира предизборната коалиција „Коалиција за европска иднина“.
Коалицискиот договор денес го потпишаа СДСМ, НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионери, ДОМ, ВМРО НП, Демократски сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојуз на Ромите во Македонија, Десница, Партија за демократски просперитет на Ромите, СДА, а кон коалицискиот договор се приклучи и Движењето Нова Република.
-Коалицијата за европска иднина е целосно посветена на европскиот пат и има јасен план за европски животен стандард, просперитетна и развиена држава, во која функционира демократијата, владеењето на правото, социјалната правда. Коалицијата се залага за европски животен стандард за граѓаните, економски раст и развој преку директни вложувања и странски инвестиции, преку капитални и инфраструктурни инвестиции, но и преку поддршка на домашните компании, како и за достоинствен живот за пензионерите како основни постулати на предизборните активности и кампањи, велат од СДСМ.
Додаваат дека победничката проевропската коалиција ќе ја формира новата проевропска влада по завршувањето на претстојните избори, ќе биде предводник во реформските процеси и ќе се залага за завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година, наспроти нови 11 години изолација и заглавување кои ги нуди опозицијата.
До крајот на неделава ВМРО-ДПМНЕ ќе ја објави коалицијата со која заедно ќе настапи на парламентарните избори. Потпретседателот на партијата, Александар Николоски соопшти дека освен досега декларираните партии кои излегоа од владината коалиција, во најава се и други, но има и такви за кои нивната партија оценила дека не споделуваат исти вредности.
ВМРО-ДПМНЕ неодамна ги соопшти и носителите на изборните листи – Христијан Мицкоски во Првата, Владо Мисајловски во Втората, Драган Ковачки во Третата, Александар Николоски во Четвртата, генералниот секретар Ѓоргија Сајковски во Петата и Дафина Стојановска во Шестата изборна единица.
-Не се сомневам во големата победа што Албанците од Македонија никогаш не ја извојувале. Тоа ќе биде најголемата победа во историјата на независноста на оваа држава, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети, од Тетово, каде што заедно со Мендух Тачи, лидерот на ДПА, како и лидерите на Народното движење и Европската демократска партија, Скендер Реџепи-Зејд и Аријанит Хоџа, потпишаа коалициски договор во рамките на „Европскиот фронт“ за претстојните парламентарни и претседателски избори во земјава кои треба да се одржат на 24 април и 8 мај. Се очекува и потписот од крилото на АА, предводено од Зијадин Села.
Веќе одамна е познато дека здружената албанска опозиција, предводена од Алтернатива, БЕСА и Демократското движење, како и лидерот на АА и нивен претседателски кандидат, Арбен Таравари, ќе настапат заедно на изборите.
Со ветувања за повисоки плати, праведен систем, силна економија, поддршка за младите, вложување во здравствениот сектор и земјоделството на изборите ќе настапи и политичкото Движење ЗНАМ на кумановскиот градоначалник и кандидат за претседател, Максим Димитриевски.
И Левица деновиве порача дека ги има „вистинските носители на пратеничките листи во шестте изборни единици“.