СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во „клинч“ по одобрените средства од унгарскиот кредит

од Nikola Popovski
31 прегледи

СДСМ контра ВМРО-ДПМНЕ и Владата за средствата од унгарскиот кредит откако вчера 250 милиони евра беа ставени на располагање за домашните компани.

-Целта е да се постигне инвестирање во приватниот сектор, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, а крајниот бенефит ќе го имаат граѓаните преку подобар животен стандард. Министерството за финансии за воспоставување на кредитната линија ѝ одобри на Развојната банка бескаматен заем во износ од 250 милиони евра, која понатаму ќе ги стави на располагање на банките учеснички.

Каматна стапка на годишно ниво останува 1,95%, без дополнителни надоместоци за одобрување, управување и предвремена отплата на средствата, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Максималниот износ на кредитот ќе биде до 10 милиони евра во денарска противвредност. Во операционализирање на унгарскиот заем до компаниите ќе учествуваат сите 13 банки.

СДСМ уверува оти задолжувањето со унгарскиот кредит е на штета на граѓаните. Денеска на прес-конференција потпретседателката на партијата, Фани Каранфиловска- Панова рече дека кредитот не бил од економски, туку од политички причини.

-Економските штети од овој договор се сериозни и далекусежни: Договорената каматна стапка од 3,25% годишно може да изгледа конкурентна, но дополнителната камата од 1,95% за 250 милиони евра што ќе се пласираат преку комерцијалните банки значи дека граѓаните и компаниите ќе плаќаат ефективна камата од 5,2%. Ова ги прави кредитите од унгарските средства поскапи од оние што веќе ги нудат домашните банки, каде што просечната каматна стапка е 4,78%.На долг рок, ова задолжување ќе го намали потенцијалот за економски раст и ќе создаде дополнителен товар за граѓаните и стопанството, рече заменик- претседателката на СДСМ.

Од партијата велат дека Владата мора да сноси одговорност за ова штетно задолжување и јавно да објасни како планира да ги намали негативните последици од овој договор врз економијата и граѓаните.

-Ова задолжување ја осиромашува државата, ги намалува јавните инвестиции и создава непотребна зависност од странски интереси. Наместо овие средства да се користат за подобрување на квалитетот на живот, тие ќе завршат во рацете на странски банки и адвокатски канцеларии. Македонските општини ќе останат со празни раце, а македонските компании со скапи кредити кои ќе го отежнат нивното работење, рече Каранфилова- Пановска.

Со став се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ. Тврдат дека СДСМ се против парите во бизнисот и против развојот на економијата.

-СДС се против компаниите да добијат евтини кредити со каматна стапка од 1.95%, до 3 години грејс период и рок на отплата до 15 години. СДС е против развојот на економијата, затоа што во нивно време функционираа само фирмите од тендер шемите и фирмите блиски до Заеви кои испумпаа милиони од Еуростандард банка. Токму овие алчни, криминални и арогантни политики на СДС беа поразени, а тие никако да ја научат лекцијата и да излезат од матрицата на деструктивност, посочија меѓу другото од партијата на власт.

Слични содржини