Нов распоред на политичките сили во Советот на Град Скопје. Мнозинството го има СДСМ со 21 советник, што за нив значи 7 мандати повеќе од претходните избори. ВМРО-ДПМНЕ освои 17 места што е 5 места помалку. ДУИ ќе има тројца советници, двајца помалку, а нови партии во Советот се БЕСА со два мандати како и Алијансата за албанците и Левица со по еден мандат. ДПА, која 2013-та освои 3 мандати, сега ја нема, информира Телма.

Петмина советници од ВМРО-ДПМНЕ остануваат во Советот: Јован Лазарев, екс министерот Михајло Маневски, професорот Владо Поповски, екс претседателката Ирена Мишева и Мирдита Салиу. Новите советнички надежи се: Христијан Мицковски, генерален секретар на партијата, екс директор на ЕЛЕМ и професор на Машинскиот факултет, еден од фаворитите за наследник на лидерската позиција. Професорот Мухамед Амети, со чие кандидирање и постојано експонирање, партијата сакаше да покаже водење сметка за интересите на Албанците. Им се придружува актерката Јелена Жугиќ, откако во 2014-та беше на кандидатските листи но одби да стане пратеник и остана директорка на новооснованиот театар Комедија, а често водеше партиски митинзи и државни манифестации и го позајмуваше гласот во голем број турски серии.
Во советничките редови на СДСМ уште еден мандат ќе седат досегашниот координатор Драги Давчевски, адвокатот Константин Кратовалиев и Соња Глинџарска. Најсериозен кандидат за претседател на Советот е професорката на Економскиот факултет во Скопје, Билјана Секуловска-Габер, која беше носител на советничката листа. Тука е Васко Лазаревски, историчарката Љубица Јанчева која има советничко искуство во општина Аеродром и други.
СДСМ ќе има мнозинство и во скопските општини Аеродром, Карпош, Центар, Ѓорче Петров и Кисела Вода, ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба, Илинден, а во Бутел се изедначени. На целата територија, СДСМ има предност во вкупно 50 општински совети, ВМРО-ДПМНЕ во 7, додека во 8 имаат изедначени сили.