Имаме силна поддршка од ЕУ и од САД којашто треба да ја искористиме. Преговорите со ЕУ течат, скрининг процесот се спроведува успешно и наскоро ќе заврши. Пратениците, политичките партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ имаат обврска и одговорност пред граѓаните и пред иднината на државата, изјави пратеничката од СДСМ, Даниела Николова.
Во нејзината изјава таа додава дека изборот пред секоја партија и пред секој пратеник е интеграција во ЕУ или изолација.
-Европскиот предлог за преговарачката рамка е најдобриот договор со ЕУ, подобар договор нема да има. Тоа не е ултиматум тоа е реалност. И тоа го кажуваат сите наши стратешки партнери. ВМРО-ДПМНЕ не може да обезбеди подобар договор, тоа е лага, токму тие ја држеа земјата 11 години во изолација.
А видоа грѓаните што значи изолација од 2006 до 2016 година, заробена држава, без напредок и без перспектива. Грешките кои 11 години се таложеа скапо ја чинеа и земјата и граѓаните, потсетува Николова.
Пратеничката истакнува дека лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски се уште има можност да реши: дали ќе ја поддржи македонската иднина во ЕУ или ќе остане во заложништво на Левица.
-Веќе следната недела ќе знаеме, дали Мицкоски ќе биде дел од блокот на ЕУ или остаува во анти европскиот блок со Левица, стои во изјавата на Николова.