СДСМ ја поздрави вечерашната акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција во која се лишени од слобода полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
-Фактот што четири месеци ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да ја сокрие одговорноста на полицајците и полициските функционери, фактот што нивната вина беше негирана од страна на Панче Тошковски и Христијан Мицкоски укажува на тоа дека сите биле вмешани или на некој начин знаеле за нелегалното работење на Пулс и тоа го одобрувале, велат од партијата на Венко Филипче.
Сепак очекуваат оставки од раководните лица во државата.
-Само поради обидите да се сокрие одговорноста од страна на Тошковски и Мицкоски на лицата кои тие ги поставија за полицајци, командири и началници би требало веднаш да си поднесат оставки. Одговорност мора да има и за Александар Јанев, директорот на БЈБ.
Вистината за Кочани која цела недела ја објавуваше СДСМ е точна. Се покажа дека без силен притисок на јавноста, на дел од медиумите и на СДСМ нема да има правда за Кочани, наведуваат од „Бихаќка“.
По налог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, приведени се над 10 актуелни полициски началници и полицајци кои биле на смена ноќта на 16 март кога се случи трагедијата во дискотеката „Пулс“. Според одредени сознанија, раководните лица и полицајците се од СВР-Штип и од кочанската полициска станица.
Под истрага на Обвинителството се и 14 полициски службеници кои се во притвор.