СДСМ: Јавноста многу добро памети како ВМРО-ДПМНЕ издаваше лични карти и пасоши за изборите во 2013 година

од Nikola Popovski
178 прегледи

Од владеачката СДСМ реагираат дека зад наводните скандали што ги конструира губитникот Христијан Мицкоски, единствено се крие неговата намера да работи против институциите, против државата.

„Откако не успеа неговиот обид за саботажа на полициската акција „Двојник“ Мицкоски денеска во јавноста пласира информации поврзани со друг процес кој е во тек во Министерството за внатрешни работи.

Како што јавно објави и МВР веќе подолг период трае постапката за поништување на двојните матични броеви, кои се јавиле како последица на грешки и технички пропусти при определувањето и запишувањето на матичните броеви, при што голем дел од спорните матични броеви се веќе поништени.

Токму за ова јавно зборуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред неполни 24 часа.
Денешното пласирање на информации за овој процес од страна на Мицкоски, не е ништо друго освен уште еден обид да се саботира работата на МВР, да се наштети на државата“, велат од партијата.

СДСМ потсетуваат дека јавноста многу добро памети како ВМРО-ДПМНЕ издаваше лични карти и пасоши, како на лица од други градови и скопски општини преку ноќ им беа издавани лични карти со адреси во општина Центар во обид да ја фалсификуваат волјата на граѓаните на локалните избори во 2013 година.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес обелодени дека постои втор дел од аферата „Мафија“.

„Со скандалот Мафија 2 се открива како на едно исто лице му се издадени два матични броеви каде што според проверките во избирачкиот список истото лице е регистрирано еднаш со вистинското име, вистинска адреса, а вториот пат е регистрирано на друго лице во друга општина. Ова е класична злоупотреба на институциите и тежок криминал пред се за гласање на избори“, вели Мицкоски.

Тој посочи пример дека извесен Диме Димовски имал два матични броја, на кои се разликувале само последните 3 бројки. Со едниот број Димовски бил запишан во Чаир, а со другиот во Сарај. Или Џадин Адемовски, со еден матичен број бил запишан во Сарај, а со друг во Чаир.