Денеска се очекува СДСМ да ги соопшти дел од своите кандидати за градоначалници.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев се уште без одговор дали на локалните избори за Кичево ќе излезе со свој кандидат или ќе го поддржат кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари. Заев рече дека на ова прашање ќе одговори денеска.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и Зоран Заев веќе ја објавија соработката на коалициските партнери ДУИ и СДСМ и за локалните избори, но без да прецизираат за кои општини.
Досега беа објавени две групи кандидати за градоначалници со по 30 и 5 имиња, додека третата група ќе биде позната на крајот на наредниот месец.
Кандидатските листи за локалните избори треба да бидат поднесени до Општинските изборни комисии најдоцна до 11 септември на полноќ, а треба да бидат потврдени најдоцна до 18 септември од ОИК и огласени.
Локалните избори се закажани за 17 октомври, вториот круг од изборите треба да се одржи 30 октомври.