Комуникацијата со граѓаните и решавањето на проблемите на граѓаните во општините ширум државата остануваат еден од главните приоритети на СДСМ. За таа цел, како одговорна социјалдемократска партија, ќе воведеме дигитален онлајн систем за директен контакт на градоначалникот и советниците со граѓаните, како и постојана, брза, ефикасна размена на информации за услуги од надлежност на локалната самоуправа, соработка со НВО секторот и учество на нивен претставник како соработник на кабинетот на градоначалникот, велат од СДСМ преку соопштение.
Според нив, помеѓу градоначалникот и граѓаните не треба да постојат посредници ниту бариери.
-Системот ќе ги прифаќа и обработува иницијативите што ќе пристигнуваат од граѓаните, при што општините ќе имаат обврска да одговорат на граѓанските иницијативи во рок од 10 дена.
Учеството на граѓаните во управувањето со општината повеќе нема да се сведува на гласање еднаш во четири години, туку преку комуникација со градоначалникот и пријава на иницијативи кои ќе овозможат да се изгради вистински партнерски однос, информираат од владечката партија.