СДСМ ќе ја поддржи интерпелацијата на Гаши

од Nikola Popovski
29 прегледи

Пратениците на СДСМ и коалицијата одлучија дека ќе гласаат за интерпелација на претседателот на Собранието, Африм Гаши, која поднесена од Левица утре ќе се најде пред народните избраници. Според партијата, политичката одговорност мора да има и затоа пратениците на СДСМ ќе гласаат за интерпелацијата, а во дискусијата во македонското Собрание ќе ги изнесат сите аргументи.

Од СДСМ додаваат дека за само два месеци се случија серија скандали на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ а одоговорност нема за никого.

Претседателот на СДСМ , Венко Филипче смета дека „премногу престапи се направија“ во врска со однесувањето на собранискиот спикер.

-Ние бевме тие кои ја запознавме јавноста со тие работи, но не и само ние. Институции излегоа и го констатираа прекршувањето на одредени правила на однесување. Ова е само мој став кој што ќе го бранам на координацијата со пратеничката група на СДСМ. Допрва треба партијата да излезе со официјален став, рече Филипче утрово во изјава за медиумите.

Според коалицијата ВЛЕН, интерпелацијата за претседателот на Собранието е директен напад врз државните институции и евроинтеграциите. Од ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјаснија дека нема да ја поддржат интерпелацијата за Гаши. Премиерот Христијан Мицкоски, ваквиот обид на Левица, СДСМ и ДУИ го нарече „незрело и глупаво однесување“.

Став се уште нема Движењето ЗНАМ. Од партијата на Максим Димитриевски, која остро реагираше на постапките на спикерот Гаши, велат дека ќе се состанат денес.

Пратениците на ДУИ се очекува да го бојкотираат гласањето. Неофицијално, тие ќе се вклучат на почетокот на дискусијата за да го изразат незадоволството од работата на Гаши, но нема да учествуваат во интерпелација поднесена од Левица.

Уште на почетокот на месец август, Левица поднесе интерпелација по седум основи за отповикување на претседателот на Собранието, а по скандалот со неговото лично обезбедување кое интервенираше на скопскиот аеродром по барањето на косовската претседателка Вјоса Османи да не и биде скениран мобилниот телефон.

Интерпелацијата, меѓу другото, се поднесува и за „повреда на секуларноста на државата“, по молитвата во Собранието за Сребреница, како и за „илегална двојазичност“, порачаа од партијата на Димитар Апасиев.

Слични содржини