СДСМ ќе му даде поддршка на Мицкоски за да го смени Гаши

од Nikola Popovski
284 прегледи

Левица поднесе иницијатива за интерпелација на претседателот на Собранието Африм Гаши, по седум основи. Според лидерот на Левица, Димитар Апасиев, последниот во низата инцидентот на скопскиот аеродром со обезбедувањето на претседателот на Собранието ја прелило чашата.

Опозициската СДСМ бара целосно расчистување на случајот, и одговорност за извршителот. Порачуваат премиерот Христијан Мицкоски да не го штити собранискиот спикер, како и дека ќе му дадат поддршка на премиерот ако одлучи да го разреши претседателот на Собранието, по инцидентот на скопскиот аеродром со претседателката на Косово, Вјоса Османи.

„Бараме итно Мицкоски да го смени Гаши од Претседател на Собранието за што СДСМ ќе му даде поддршка. Го повикуваме обвинителството да започне постапка, а Мицкоски да излезе во јавноста и да побара од Гаши политичка одговорност“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

ВМРО-ДПМНЕ ја предупреди Кузеска, да внимава што зборува.

„ВМРО-ДПМНЕ има експресна акција од институциите и никој не е поштеден. Одговорност има за секој кој се огрешил пред законот“, се вели во соопштението од партијата на Мицкоски.

Пратеникот на коалицијата „ВЛЕН“, Беким Сали вели дека нема информација за иницијативата за смена на Гаши.

Во врска со поднесувањето на барањето за интерпелација на собранискиот претседател Африм Гаши, како и кривичната пријава кон началник на Одделение за лично обезбедување на претседател на Собрание, Сали рече дека нема информации.

-Немам информација дека некој поднел таква иницијатива. Меѓутоа, тоа ќе се разгледа во деновите што доаѓаат. За дополнителни прашања, ве молам обратете се до медиа центарот на „Влен“, одговори пратеникот.

Според Сали, испраќањето на членот на обезбедувањето на Гаши на скопскиот аердодром било со цел да се смири ситуацијата, меѓутоа, како што рече, „што се случило таму, не знаеме“. Тој смета дека со тоа Гаши не ги прекршил ингеренциите.

Слични содржини