СДСМ повторно го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека „цела недела молчи за настаните и провокациите што се случија минатата недела во Тетово“, при посетата на косовскиот премиер Албин Курти. Од партијата на власт велат дека наместо осуда, Мицкоски се стави во одбрана на Касами, неговиот коалициски партнер, кој беше организатор на настанот.
Касами и Мицкоски заедно се обидуваа да ја урнат Владата, а нивната соработка продолжува и денес и во советот на Тетово и во македонското Собрание. Наместо да работат на решавање на проблемите на граѓаните коалицијата на Мицкоски и Касами во Тетово промовира поделби, национализам, провокации и создаваат тензии, порачуваат од СДСМ.
Посетата на Курти, иако од приватен карактер, предизвика турбуленции не само во Скопје, туку и во Белград, при што претседателот Александар Вучиќ и Стево Пендаровски заеднички порачаа дека се работи за скандал над скандалите. На собирот во центарот на Тетово на кој говореше Курти, беше видено знамето на „Голема Албанија“, кое опфаќа делови од Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Грција, а симптоматично е што лидерот на косовските Албанци се сретна само со шефовите на албанските опозициски партии во земјава, а во општина Чаир во Скопје присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во улица „Адем Демачи“.