СДСМ: Кога ќе се расчисти криминалот на претходната власт, опозицијата може да го предлага јавниот обвинител

од desk2
108 прегледи

На правосудниот систем на Република Македонија потребни му се експертски и професионални личности кои ќе работат стручно, професионално и независно, ослободени од какви било партиски притисоци, реагира СДСМ на изјавата на Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„За да биде кредибилна и во можност да предлага експертски решенија, опозицијата прво треба да расчисти во сопствените редови и да се ослободи од криминалните стеги. Опозицијата ќе го предлага новиот Јавен обвинител откако ќе се расчистат сите криминали на претходната власт. Македонија ќе биде правна држава, а тоа ќе се случи кога одговорност ќе понесат сите оние кои 11 години криминално се богатеа, додека стотици илјади граѓани преживуваа и ја напуштаа Македонија“, се вели во реакцијата од СДСМ.

Во соопштението се додава дека именувањето на Јавен обвинител на предлог на опозицијата е дел од програмата на Владата предводена од СДСМ и тој предлог како еден од клучните во реформите во судството, ќе биде ставен на маса за да се добие што посилна политичка поддршка.

Од партијата велат дека за сите реформи кои се во интерес на граѓаните и државата и кои имаат потреба од двотретинско мнозинство, СДСМ ќе побара консензус од сите политички чинители.