СДСМ контра Николоски: Во моментов имаме поповолни кредити со помала камата од заемот на Орбан

од Nikola Popovski
61 прегледи

Од СДСМ реагираа на вчерашната изјава на вицепремиерот и министер Александар Николоски околу позајмените финансиски средства од Унгарија. Според партијата, во моментов имаме поповолни кредити и во овој момент, со помала камата од заемот на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Од партијата на Венко Филипче посочуваат дека вчера е договорен политички кредит.

-Условите под кои се зема ова задолжување се далеку понеповолни, со камата повисока од најавената од 3,25% и сето тоа врз грбот на граѓаните.

Македонија е веќе корисник на кредит од 150 милиони евра од Европската банка за развој по многу подобри услови и помала камата од 1,6% со грејс период од 24 месеци и рок на отплата од 12 години, изјавуваат од партијата од „Бихаќка“, додавајќи дека нема никаква врска со специјална економска соработка.

Министерот за транспорт и врски, Николоски смета дека условите за заемот од Унгарија се најдобри кои што воопшто можат да се добијат. Тој синоќа во дебатна емисија им порача на граѓаните: „Нека размислат дали било кој може да добие вакви услови во било која банка кога ќе појде стан да купувате“. Порача дека „под 5% нема камата и тоа треба јако да се потрудите, ај да не велам дека треба пријатели да имате во банката“.

По средбата со Орбан, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека економската соработка меѓу Македонија и Унгарија ќе значи безбедност и финансиска стабилност за македонската економија. Сепак наместо најавуваните една милијарда евра, заемот ќе изнесува половина од тоа.

„Во име на оваа соработка, се договоривме одговорните лица, министерствата за финансии на двете земји, веднаш да го започнат процесот во кој унгарската влада ќе и позајми на македонската влада 500 милиони евра, со каматна стапка од 3,25 проценти, грејс период од три години и рок на отплата од 12 години, што е вкупно 15 години“, кажа Мицкоски во видео-обраќање.

Како дел од специјалната економска соработка, Македонија, како што рече, во иднина ќе може да се обрати до Владата на Унгарија за финансиска поддршка.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан му ја честиташе победата на Христијан Мицкоски на изборите на 8-ми мај.

„Очекувам зајакнување на односите меѓу Унгарија и Северна Македонија за доброто на нашите народи“, објави Орбан на социјалната мрежа „Икс“ за вчерашната средба во САД.

Слични содржини