Трајко Славевски беше жесток противник на зголемување на минималната плата, а денес е против Буџетот за 2022 година, кој е развоен и носи многу повеќе пари за капитални инвестиции. Во Буџетот за 2022 година, капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит и изнесуваат 37,8 милијарди денари, што е за околу 27% повеќе во однос на 2021 година, вака реагираат од СДСМ на денешната прес-конференција на поранешниот министер за финансии и член на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески.
Според нив, средствата ќе бидат наменети за реализацијата на инфраструктурните проекти и вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.
-ВМРО-ДПМНЕ партијата која 11 години ја задолжуваше државата за споменици, договорени тендери, палми и жални врби денес глуми загрижена опозиција, а со години наназад кочеше проекти како поголеми плати и пензии, зголемени субвенции, поврат на ДДВ и слично кои обезбедуваа повеќе пари кај граѓаните, коментираат од СДСМ.
Проекциите за буџетот за 2022 година се направени погрешно, економскиот раст ќе биде значително понизок од предвидениот, а ќе продолжи растот на буџетскиот дефицит и јавниот долг, порача денеска Славески.
Според него, за тековната 2021 година, која е појдовна основа за проекциите, министерството за финансии предвидува раст од 4,1%.
-Но високофрекфентните показатели за третиот квартал, од оваа тековната година упатуваат дека растот во втората половина од 2021 година најверојатно ќе биде низок или можеби негативен. Во септември 2021 година растот на индустриското производство изнесува – 8% додека градежништвото во јули и август забележува двоцифрен пад. Автомобилската индустрија во Република Македонија се соочува со сериозни проблеми во синџирите на снабдување, изјави Славески на прес-конференција.