Драган Ковачки, со секој негов јавен настап во Собранието го открива најгрдото лице на неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ и потсетува на таа нечовечност пред се во редовите на ВМРО ДПМНЕ од времето на Груевски, велат од СДСМ.
Според владеачката партија, „клеветењето и нечовечноста во редовите на ВМРО-ДПМНЕ го достигна својот зенит, а особено омразата, злобата која ја манифестира Ковачки кон министерката за одбрана, но и на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кон други пратенички од парламентарното мнозинство“.
-Тој модел на однесување и тоа насилство во политиката, ВМРО-ДПМНЕ никогаш јавно не го осуди и не се огради од него. Јавноста, граѓаните со право реагираат, Собранието не е и никогаш повеќе нема да биде место за омрза, навреди и омаловажувања, додаваат од СДСМ.
Пратеникот Ковачки пред два дена од собраниската говорница побара разрешување на министерката откако читаше извештај од психијатриско вештачење и кажа дека секој ден пиела седативи.
Министерката за одбрана најави тужба за Ковачки за овие наводи, што ќе биде втора тужба, по обвинувањата на пратеникот дека претставници на военото разузнување биле уапсени во Косово додека биле таму во тајна мисија.
Петровска покажа официјален допис од косовските власти во кој, како што рече, стои дека таков настан воопшто не се случил, порачувајќи му на Ковачки дека, ако има сомнеж во нејзиниот капацитет да ја води одбраната, да покрене интерпелација за неа, наместо да бара од премиерот да ја разреши со тврдењето дека била ментално и психички нестабилна.