СДСМ бара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски веднаш да ги тргне блокадите на скопските улици, посочувајќи го за „организатор“ на протестите на приватните превозници.
-Мицкоски да издаде партиска директива до неговите Данела Арсовска, Трајко Славески, директорите и раководителите на Јавните претпријатија на град Скопје и до неговиот поддржувач Ленин Јовановски, веднаш да ги тргнат блокадите. Недозволиво е скопјани да трпат штета заради нивните бизнис и партиски интереси, велат од владеачката партија.
СДСМ жали што трет ден „граѓаните не можат навреме да стигнат до своите работни места, до здравствените установи, до училиштата и факултетите, а потешкотии во движењето имаат и возилата на Итната медицинска помош и противпожарната бригада“.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека бугарски фирми ќе го преземат градскиот превоз во Скопје.
-Време е да се отворат картите, време е за вистински одговори: Дали на средбата Арсовска – Ковачевски било договарана оваа компанија од град близу Софија да биде единствен приватен превозник во град Скопје? Во моментот власт во Скопје се директорите на јавните претпријатија кои доаѓаат од СДСМ, ДУИ и од Левица под патронат на Ковачевски и Арсовска, порачаа од партијата на Мицкоски.