Христијан Мицкоски треба да понесе одговорност за хаосот што му се случува на Скопје, наместо јавно да се жали за своите проценки, побараа утрово од СДСМ после синоќешното интервју на лидерот на опозицијата за МТВ.
Владеачката партија потенцира дека „Мицкоски беше тој кој ја поддржуваше Данела Арсовска на локалните избори и тој кој во нејзино име најавуваше нови еколошки автобуси па дури и фабрика за нивно производство“.
-Денес, не само што нема нови автобуси, туку не функционира ниту постоечкиот јавен превоз. Приватните превозници не возат, а Јавното сообраќајно претпријатие е во долгови и пред колапс. Одговорноста за катастрофата што се случува во Скопје е кај Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. И градоначалничката и претседателот и мнозинството во Советот и мнозинството во надзорните и управни одбори во јавните градски претпријатија, сите се поврзани со Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ преку соопштение.
Во врска со нападите на градоначалничката Данела Арсовска и искажаните ставови за некакви закани, Мицкоски истакна дека е згрозен и шокиран од таквите лаги кои ги отфрла како неточни и дека Арсовска наместо да работи за Скопје се фокусира на лаги.
– Жалам што направив погрешна проценка за карактерот на човекот кој го поддржав денеска да биде градоначалник на Скопје. Верував бидејќи препораките и биографијата беа солидни и до ден денеска верувам дека тогаш направивме вистински чекор, бидејќи направивме победник, но жалам што поддржав човек кој сега се фокусира на ниски страсти, лаги, конструкции поучен од не многу ликови кои се дел од нејзиното опкружување наместо да испорачува за Скопје, таа се фокусира да растура пердуви за мене и лаги и конструкции, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека се „поочигледна е коалицијата помеѓу Арсовска и Ковачевски и претпоставуваа дека тие скапо платени советници, ги советуваат да таа ги растури пердувите, а после неколку дена медиуми блиски до власта и Ковачевски тоа го повторуваат, а знаете дека 100 пати повторена лага кај некои за жал ќе биде вистина“.