Во време кога земјава успешно го спроведува скрининг процесот да се бара оставка од вицепремиерот за европски прашања е уште една потврда дека Мицкоски е против ЕУ, порачаа од СДСМ преку соопштение.
Oд владеачката партија се децидни дека „ако некој треба да се соочи со одговорност тоа е Мицкоски поради тоа што во заложништво на Левица е најголемиот кочничар на европската иднина на земјата“.
-Мицкоски треба да понесе одговорност за постојаните блокади на европскиот пат. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беа против Договорот од Преспа. ВМРО-ДПМНЕ беше и против започнување на преговорите со Европската унија, за што заедно до Левица организираа и насилни протести пред Собранието.
Законските измени со европско знаменце заштедуваат 150 милиони евра на граѓаните и 2 години помал рок на изведба а важат не само за коридорите 8 и 10д туку и за проекти финансирани од ЕУ.
Едноставно е, Мицкоски е против ЕУ, Мицкоски е против напредокот на земјата воопшто, велат од СДСМ.
Мицкоски денеска од Велес истакна дека вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ треба да си поднесе оставка и да замине.
-Тој таму е поставен за да ги почитува законите и процедурите, а јавно признава дека поддржува кршење на процедурите и треба да е свесен дека ќе има одговорност за таквото однесување, а тој ден е сѐ поблиску, ќе има и одговорност за таквото однесување, кажа претседателот на опозицијата.