Повеќе нема простор за Христијан Мицкоски и неговите манипулации пред јавноста. Денешната седница во Собранието на која ќе се расправа за уставните измени ќе покаже дали Мицкоски и ДПМНЕ се за или дефинитивно се против ЕУ, соопштија утрово од СДСМ.
Партијата уште еднаш повторува дека измените на Уставот се потребни за да продолжи нашиот евроинтегративен процес и отворањето на поглавјата од процесот на преговори.
Но, Мицкоски со голема леснотија кажува дека е подготвен да им ја блокира европската иднина на граѓаните земјата, исто како Груевски. Седницата е последна можност, да покаже Мицкоски дали избрал интеграција во ЕУ или е за изолација, седнат во скутот на Левица, истакнуваат од партијата на власт.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи пред почетокот на седницата испрати отворено писмо до пратениците во кое рече дека од нивната одлука ќе зависи дали земјата ќе ги продолжи преговорите за влез во Европската унија или ќе ги запре на подолг период.
ДУИ смета дека денешната собраниска седница за уставните измени ќе биде одлучувачка за европската иднина на земјата. Апелираат до сите пратеници да размислат, како што наведоа, за важноста на нивната историска задача за напредок на земјата, бидејќи уставните амандмани се одлучувачки чекор за продолжување на преговорите за евроинтеграции.
Одлуката за измена на Уставот ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, односно со 80 гласа. Земјава ќе ги започне официјалните преговори со Европската Унија откако ќе го промени Уставот и ќе ги вклучи Бугарите како малцинство во преамбулата.
Рокот за обезбедување двотретинско мнозинство во македонскиот парламент и за уставни измени е до ноември.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржува промената на Уставот, истакнувајќи дека „го поддржува европскиот пат, но не под бугарски диктат“.