Христијан Мицкоски е во грч затоа што пропаднаа сите негови апокалиптични сценарија, реагираат од СДСМ на денешните изјави на лидерот на опозицијата.
Партијата на власт потврдува дека со одговорните и ефикасни политики на Владата и премиерот Димитар Ковачевски, денес и во време на криза растат платите и пензиите.
-Пензиите за сите 330.000 пензионери од овој месец растат за рекордни 8,4 отсто, со што само за една година вкупно ќе пораснат за 18 отсто. Изборите ќе бидат во редовниот термин во 2024 година и на тие избори Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе изгубат, истакнуваат од СДСМ и додаваат:
„На крајот, пропаднаа и лагите на Мицкоски за распуштање на Собранието кон крајот на февруари, со што уште еднаш се покажа дека тој не знае и не може да понуди ништо освен да бара предвремени избори само за да ја зачува фотелјата во Белиот дворец“.
Лидерот на најголемата опозициска партија ги оцени како „изнудени ад хок решенија“ замрзнувањето на цените на дел од основните прехранбени производи и зголемувањето на минималната плата и пензиите.
Според него, ќе има влошување на состојбата и поради тоа, како што вели, потребни се предвремени избори.