СДСМ: Мицкоски ги лаже граѓаните, најавуваше дека со закон ќе го реши проблемот со пасошите

од Nikola Popovski

Како ДПМНЕ влезе во Владата, така на видели излегоа сите нивни лаги, се вели во партиското соопштение на владејачката СДСМ.

Од партијата велат дека пред да влезе во Влада, ДПМНЕ најавуваше дека со закон ќе го реши проблемот со издавањето на пасошите.

-Ништо од закон, ништо од решение, ДПМНЕ наишло на ѕид од грчката амбасадорка. ДПМНЕ велат дека не можат една амбасада на земја членка на ЕУ да убедат да го промени ставот.

Како тогаш ДПМНЕ може да убеди 27 земји членки на ЕУ да ја променат преговарачката рамка за Македонија, како тогаш може да репреговара, да го смени францускиот, односно европскиот предлог.

Мицкоски го манипулира своето членство и ги лаже граѓаните. На Мицкоски не може да му се верува, се што кажа – излажа, соопшти СДСМ.

Новоименуваниот министер за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски во просториите на Министерството се сретна со амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду, но не доби позитивна вест дека Грција е заинтересирана за продолжување на рокот за важноста на личните документи со старото уставно име.

Во овие услови нема надеж дека пасошите со старото име на државата ќе важат по 12 февруари, кога истекува рокот според Преспанскиот договор потпишан со Грција, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарски прашања на 17 декември.

Претседателот Стево Пендаровски на 9 јануари и предложи на Владата да го пролонгира Законот за патни исправи до септември, оти, како што рече, нема смисла да продолжи хаосот со вадење нови документи. Според Пендаровски може во едно попладне да се интервенира во законите за лична карта, за патни исправи и во законот за безбедност на сообраќај, а претходно да се извести Грција дека Северна Македонија нема намера да бега од обврските до Преспанскиот договор.

Претходниот премиер Димитар Ковачевски ден потоа рече дека за предлогот на претседателот ќе се разговара на седница на Влада, но дека Пендаровски најдобро знае како тоа може да се реши на меѓународно ниво со Грција.

Слични содржини