Цела година ДПМНЕ заедно Левица ги лажеше и плашеше граѓаните со наводна асимилација и бугаризација, за на крај истиот тој Мицкоски да прифати промена на Уставот, порачаа утрово од СДСМ, обвинувајќи го лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека „ништо нема направено ниту за државата, ниту за македонскиот идентитет“.
Од партијата додаваат дека Мицкоски и ДПМНЕ не успеаја да лобираат нивни сестрински партии да гласаат За резолуцијата во германскиот Бундестаг.
-Мицкоски и ДПМНЕ не можат да издејствуваат ништо позитивно, ниту за државата, за граѓаните, ниту за македонскиот народ. Но и покрај тоа, Мицкоски сега има ретка шанса да направи нешто добро и корисно за државата и за сите граѓани. Откако прифати уставни измени Мицкоски треба да одреди тим за да продолжат разговорите и заедно да ја донесеме одлуката за продолжување на европскиот пат, истакнаа од СДСМ во соопштението.
Од најголемата опозициска партија возвратија дека СДСМ и ДУИ не сакаат договор и „за тоа со недели лажат и не се изјаснуваат кои од двата предлога за заштита на националниот идентитет и јазик се прифатливи за нив“.
-Двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ заштита на идентитетот и јазикот се црвените линии и од нив нема отстапување. Едно е јасно, ДУИ и СДС немаат 80 пратеници, а со тоа нема да има ниту уставни измени под бугарски диктат. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е последниот браник за заштита на националниот идентитет и заштита од уште едно предавство кое сакаат да го направат ДУИ и СДС, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.