Христијан Мицкоски со неговите изјави застанува против уставниот поредок на државата, против демократското општество кое значи независност на судската власт одредена со Устав и Закон, велат од СДСМ откако денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека она што се случува на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески е „неправда“.
Од СДСМ истакнуваат дека „Мицкоски зборува дека ќе помилувал, дека ќе ги ослободувал сите од ДПМНЕ“.
-Ниту е Мицкоски над Законот, ниту е над Уставот. Принципот на правда и правичност во демократско општество почива на Закон и Устав, на процедура и на надлежни институции. Кој е Мицкоски да дели правда, да кажува кој треба да одговара а кој не? Може Мицкоски да се замислува што сака но ниту е судија, ниту обвинител. Ова покажува дека Мицкоски е ист како Никола Груевски, во ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е заробена партија која сака да е и суд и обвинител, да суди и да пресудува. Тоа време заврши и никогаш повеќе нема да се врати, децидни се од СДСМ преку објавеното соопштение.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска од Карбинци порача дека спроведувањето на Јанакиески во затворот „Идризово“ после пресудата за „Титаник“ е „дефокус“ и „да се заврти внимание“.
-Кога им треба дефокус и да се заврте внимание, тогаш посегнуваат по Миле и повторно се случува. Апсолутно целосна поддршка до семејството на Миле. Знам дека е силен човек и ќе издржи, рече Мицкоски.