Мицкоски ја поддржа Резолуцијата на ЕПП со ставоите на Бугарија, бадијала глуми, тој е лажен патриот. Бадијала Христијан Мицкоски глуми, бара оправдувања за тоа што ја поддржа Резолуцијата на Европската народна партија со ставовите на Бугарија, обвинуваат од СДСМ, како реакција на денешното гостување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на една телевизија.
Според владеачката партија, „боксерскиот речник на Мицкоски очигледно му е наследство од Никола Груевски, но реалноста е дека токму Мицкоски ги поткопа државните позиции со прифаќањето на Резолуцијата на ЕПП со бугарски ставови, односно по неговиот речник зададе сериозен удар на државните позиции“.
-Мицкоски дома глуми патриот а надвор поддржува документи кои ги поткопуваат меѓународните позиции, стои во партиското соопштение од СДСМ.
Мицкоски денеска изјави дека „ако францускиот предлог е да не асимилираат и бидеме Бугари, тогаш така не сакам влез во Европската Унија“.
-Нема што да се разговара ако е таков предлогот, какво прифаќање. Ова со предлогот е нокаут за македонската дипломатија. Ако е ова така, повторно ќе кажам, ако е ова така, што прави дипломатијата освен што троши народни пари и освен што полни авиони да се шетаат на грбот на народните пари по светот како придружба на министерот. Што прави нашата дипломатија ако биле изненадени од ова, запраша Мицкоски.