Владејачката СДСМ, утринава излезе со ново соопштение, во кое како што вели, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, е лицемер кој глуми загриженост пред граѓаните, а во реалноста бил опасен по здравјето на граѓанте.
„Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не најде за потребно во изминатите осум месеци да покаже конструктивност и да ги поддржи напорите за справување со најголемата здравствена и економска криза.
Ако неспособниот Мицкоски веќе не може да помогне, нека престане да одмага во справувањето со пандемијата со короновирусот, која достигнува алармантни размери насекаде низ светот.
Владата, институциите, а пред се здравствениот систем покажаа дека се капацитетни, дека на најдобар можен начин се борат со пандемијата и со нејзините последици.
А што прави ВМРО-ДПМНЕ на чело со лицемерниот Мицкоски, освен што глуми загриженост за здравјето на граѓаните.
Пролетта на почетокот на пандемијата, Мицкоски ширеше лажни вести дека нема доволно тестови на коронавирусот, им лепеше на лекарите партиски етикети, за и самиот да стане опасен за здравјето на граѓаните со непочитување на мерките за заштита, кога си одеше во кафана, во теретана, кога тоа беше забрането.
Во текот на летото правеше притисоци за одложување на парламентарните избори, во името на здравјето на граѓаните го маскираше својот страв од соочување со нив на избори, за потоа да тера кампања на која не се почитуваа мерките за заштита.
Истовремено преку своите кадри во техничката влада ги опструираше напорите за справување со пандемијата, со неказнување на граѓаните за непочитување на мерките, со кочење на заем за опремување на болниците.
И кога по трет пат загуби на избори, Мицкоски не замина од белиот дворец, туку организира протести, опасни за здравјето, само за да си ја задржи фотелјата во белиот дворец.
Додека ВМРО-ДПМНЕ преку својот висок функционер Вело Марковски порачува дека ковид-19 е некаков безопасен вирус, па дури и дека не треба да се носат маски, Мицкоски во очајни обиди политички да профитира ги брои жртвите на коронавирусот, ги злоупотребува починатите и нивните најблиски.
Додека сите институции, сите здравствени работници неуморно се борат против коронавирусот, ВМРО-ДПМНЕ на чело со неодговорниот Мицкоски ги саботира сите мерки и напори за спречување на ширењето на вирусот.
Таквото однесување граѓаните го ценат, затоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ уште долго ќе се во опозиција“, се вели во соопштението на СДСМ.