СДСМ: Мицкоски го поврзува Законот за Јавно обвинителство со имотот на ВМРО-ДПМНЕ

од Aleksandar Todeski
328 прегледи

Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија преку соопштение реагира дека лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го поврзува Законот за Јавно обвинителство со имотот на партијата.

„Христијан Мицкоски уште еднаш покажа дека ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија се уште е во криминалната матрица на Груевски. Мицкоски, Законот за Јавно обвинителство го поврзува со имотот на партијата. Од ВМРО-ДПМНЕ уценуваат за да се амнестираат од судските процеси што се водат против нив“, велат од СДСМ.

Според нив, на Мицкоски му е поважен имотот на партијата и одбраната на криминалот во ВМРО-ДПМНЕ, отколку реформите во судството важни за напредокот на државата.

„Тоа е уште една потврда дека ВМРО-ДПМНЕ раководена од Мицкоски е управувана од Груевски од Будимпешта. Граѓаните ќе го ценат ваквиот неодговорен однос на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кон државата и институциите и на 12 април ќе им испорачаат нов изборен пораз. На 12 април, граѓаните масовно ќе порачаат – режим никогаш повеќе“, соопштуваат од владејачката СДСМ.

Слични содржини