СДСМ: Мицкоски молчи за фактот што САД на својата црна листа го стави неговиот шеф Груевски

од Берта Китинска
170 прегледи

Христијан Мицкоски молчи за фактот што САД на својата црна листа го стави неговиот шеф и осуден криминалец во бегство Никола Груевски, реагираат од СДСМ во врска со одлуката на САД да ги стават на „црна листа“ пораншениот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

-Причината за овој потег сите ја знаеме и слушнавме и во бомбите, а тоа е вмешаноста на Груевски во бројни случаи на корупција и криминал.На црната листа на САД заедно со Груевски е и братучедот Сашо Мијалков.Дали тишината, молкот на Мицкоски можеби значи дека тој стравува дека по Груевски тој е следен на црната листа на САД, како еден од соработниците на Никола Груевски, негова десна рака, негов советник, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ?, прашуваат од СДСМ.

Оттаму посочуваат дека овие сомневања дополнително ги поткрепуваат фактот што голем број на блиски соработници на Груевски во 11 годишниот режим, сега се блиски соработници на Мицкоски.

-До денеска Мицкоски се нема оградено за целиот криминал на ВМРО-ДПМНЕ. Не слушнавме осуда за сторените дела, ниту згрозување, ниту извинување кон граѓаните. Христијан Мицкоски наместо повик за одговорност, останува на браникот на криминалот.Во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е истата режимска и криминална партија, посочуваат од владејачката партија.