СДСМ: Мицкоски призна – фарсата за референдум нема поддршка ниту од опозицијата

од Nikola Popovski
157 прегледи

Христијан Мицкоски денеска призна дека тој и Димитар Апасиев се сами и изолирани против ЕУ. Мицкоски потврди дека неговата фарса за референдум којшто е за внатрешна употреба во ВМРО-ДПМНЕ нема поддршка ниту од другите опозициски партии, се огласија од СДСМ после искажаните ставови на лидерот на најголемата опозициска партија.

Според СДСМ, „причините за проблемите во својата партија и опозициските редови, Мицкоски многу наивно се обидува да ги префрли кај некој друг, но за тоа треба да си се погледне самиот себе си“.

Владеачката партија повтори дека „се што кажа Мицкоски излезе обратно“.

-Нема бугаризација, нема асимилација, почнавме преговори со ЕУ со чист македонски јазик и зачуван идентитет. Никој не му е виновен на Мицкоски што ги лажеше граѓаните, своите членови и другите партии, стои во партиското соопштение на СДСМ.

Мицкоски денеска истакна дека освен владеачката коалиција, против референдумско изјаснување за преговарачката рамка на Македонија со ЕУ се и, како што вели, инсталации на власта во опозицијата.

-Кога зборувам за инсталации, освен за албанските опозициски партии, се мисли и на други маргинални политички партии и лидери. Тука веќе имам јас дилема каде тие припаѓаат. За да се идентификуваат себеси како опозиција треба во јавноста да излезат со ставови со кои ќе ја критикуваат власта, посочи Мицкоски.