Демантирани се лагите на Христијан Мицкоски, кој со конструкции и шпекулации ја манипулира јавноста дека брзата помош ќе се приватизира. Политички спин е дека со предложените измени во законот за здравствена заштита се приватизира брзата помош, велат од СДСМ како реакција на денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Од владеачката партија информираат дека за појаснување за измените на овој Закон ќе се одржи јавна расправа.
-Неодговорните ВМРО-ДПМНЕ и Левица со две илјади амандмани го блокираа донесувањето на измените во Законот за здравствена заштита и продолжуваат да го прават она што најдобро го знаат – да работат против интересите на граѓаните, стои во реакцијата од „Бихаќка“.
Претходно, Мицкоски обвини дека со измените на Законот за здравствена заштита „сакаат на приватен оператор близок до семејството Заеви, кои ангажираа дел од своите вработени да се претставуваат како наводно незадоволни членови на ВМРО-ДПМНЕ пред нешто повеќе од една година и да протестираат против актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ“.
Тој информираше дека понатаму ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи носење на ваков закон, бидејќи вакви измени се штетни за граѓаните.