Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ на прес-конференција кажа дека е направена груба партизација со назначувањето на Иван Иванов, син на експретседателот Ѓорге Иванов и Анстасија Илиевска, сопруга на водителот Богдан Илиевски, за членови на Надзорниот одбор на АД МЕПСО. Подоцна од СДСМ преку соопштение се извинија дека направиле превид со имињата.
– Денеска во одговор на новинарско прашање СДСМ направи превид во однос на кадровските решенија во МЕПСО.
Во морето на информации кои пристигнуваат до СДСМ за погрешната кадровска политика на ВМРО-ДПМНЕ, пристигната е и нецелосна информација која не беше целосно проверена, со што е направена ненамерна грешка со имињата за членови на Управниот одбор односно Надзорниот одбор на МЕПСО.
СДСМ како одговорна и принципиелна партија упатува јавно извинување до споменатите имиња кои не се дел од новите кадровски решенија во МЕПСО но и до целата јавност, се вели во партиското соопштение на СДСМ.