Не е чесно ниту кон граѓаните ниту кон државата кога поранешни претседатели од времето на транзицијата и режимот зборуваат за криминал и корупција, а не покажале никакви чекори против корупцијата во времето кога требало да му служат на народот, велат од СДСМ, за поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, кои денес изнесоа критки во нивните обраќања на покана на МАНУ.
„Денеска јавноста сведочеше едно пропагандно однесување на поранешни претседатели на државата. Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство со Бугарија и Рамковниот договор се најважните договори кои ја вратија во живот македонската интеграција, ги потврдија и зацврстија македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Македонската држава живее и ќе живее и нема да умира на рати, а ако тоа некој го посакува му порачуваме да мисли пред да дејствува, пред се заради нашот народ и заради иднината на сите наши деца. Граѓаните со својот глас и порано, и денес и во иднина прецизно го покажуваат патот кој се развива Северна Македонија“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Црвенковски денеска изјави дека во корумпирана држава нема еднаквост пред законот, нема правда, нема доверба во судството.
-Во корумпирана држава нема фер пазарна економија каде ќе одлучува квалитетот, а не „подмачкувањето онаму каде што треба“.Во Македонија не е можно да се изгради консензус околу ниту едно стратешки важно прашање. Политичките партии меѓусебно не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели кои треба да се уништат не бирајќи средства“, изјави Црвенковски.
Според Ѓорѓе Иванов, двата договори ја отвориле Пандорината кутија, па сега секој добил право да го негира постоењето на македонскиот народ. Вели, со договорот од Бугарија, ќе се задоволи само бугарската страна.
„Како Претседател на Република Македонија, често предупредував за она што сега ни се случува. Предупредив дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ. Бидејќи, без македонски народ, македонкси идентитет, македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со неговото поништување. Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се трудат да ги турнат во правна, во политичка и историска бездна. Пандорината кутија е отворена, сега речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право, додаде Иванов.