Мицкоски и ДПМНЕ свесно ја лажеа јавноста дека тие ќе обезбеделе подобра преговарачка рамка, иако сите претставници на ЕУ јасно кажуваат дека преговарачката рамка не може да се менува, порачаа утрово од СДСМ преку соопштение.
Според партијата на власт, „не само што не можат да обезбедат нова преговарачка рамка, Мицкоски и ДПМНЕ не се способни ниту да лобираат за својата држава“.
Сепак од СДСМ сметаат дека „Мицкоски се уште има шанса да застане на вистинската страна и треба да ја искористи подадената рака на лидерската средба на која беа прифатени сите негови услови“.
-Ако навистина е за европската иднина на државата, тогаш тој треба да состави тим кој ќе се приклучи во дијалогот и ќе учествува во спроведувањето на уставните измени со цел, процесот на интеграција во ЕУ да се забрза, стои меѓу другото во партиското соопштение.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вчера порача дека СДСМ треба да внимава каква комуникација градат со стратешките партнери на Македонија.
Неговиот коментар дојде како одговор на новинарско прашање поврзано со резолуцијата на германскиот парламент, за која рече „не е гаранција“ за зачувување на идентитетот и јазикот и „степен подолу“ од онаа што беше усвоена кога Христијанско-демократската унија (ЦДУ) беше владејачка партија во Германија.
Од усвојувањето на резолуцијата од страна на владејачката партија, се поставува прашањето зошто сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ во Германија не ја поддржа и дали опозициската партија воопшто работи со своите европски партнерски партии во одбрана на идентитетот, кој Мицкоски ја нарече пропаганда.
Според Мицкоски, ЦДУ наскоро ќе победи на изборите во Германија и обвинувањата дека партијата не гласала за резолуцијата „не се во полза а Македонија“.
Повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставни измени „по бугарски диктат“ и исходот ќе бидат избори, бидејќи „политиката на СДСМ се распаѓа“.